Известување за достава на Годишни прорами за обуки за административните службеници за 2027 година
Известување за достава на Годишен план за обуки за административни службеници за 2027 година
Почитувани,
Министерството за јавна администрација потсетува на законската обврска од член 58 став (1) од Законот за административните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/14, 199/14, 48/15, 154/15, 5/16, 142/16, 11/18 и од „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/2019, 14/2020, 215/2021, 99/2022 и 208/2024), за донесување на Годишен план за обуки на административни службеници од страна на органите и институциите од член 3 став (1) од истиот закон, а по претходно добиено мислење од Министерството за јавна администрација.
Во таа смисла, согласно законските надлежности, Министерството за јавна администрација донесе Годишна програма за генерички обуки на административните службеници за 2027 година и Годишна програма за обука за административно управување за 2027 година.
Истовремено, укажуваме на законскиот рок за подготовка на индивидуалните планови за стручно усовршување, прецизиран во член 2 став (1) од „Правилникот за начинот на спроведување на полугодишното интервју, формата и содржината на извештајот за полугодишно интервју, поблиските критериуми за начинот на оценување на административниот службеник, поблиските критериуми за начинот на оценување на административен службеник во институции со помалку од 20 административни службеници, формата и содржината на обрасците за оценување, формата и содржината на извештајот со ранг листа на годишните оценки, како и содржината на извештаите и начинот на оценување на административните службеници во други околности“ („Службен весник на Република Македонија“ бр. 63/18), според кој: „Од страна на непосредно претпоставениот административен службеник, односно раководниот административен службеник, односно секретарот или раководното лице на институцијата во која не се назначува секретар, во случаите кога административниот службеник нема непосредно претпоставен административен службеник (во натамошниот текст: претпоставениот), во периодот од 01 до 15 декември, се утврдуваат работните цели и задачи за наредната година, како и индивидуалните планови за стручно усовршување за сите административни службеници со кои раководи.“
Имајќи го предвид горе наведеното, а заради навремено добивање на мислење од Министерството за јавна администрација во законски утврдените рокови, органите, институциите и единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје, до Министерството за јавна администрација треба да ги достават на мислење своите Годишни планови за обуки на административните службеници за 2027 година, најдоцна до 28.12.2026 година, во печатена и во електронска форма.
При подготовка на нацрт – Годишните планови за обука на административните службеници за 2027 година, молиме да се почитуваат одредбите од „Правилникот за содржината и формата на годишен план за обуки на административните службеници и извештајот за негова реализација“ („Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/14) и нацрт – Годишните планови за обука на административните службеници за 2027 година да се достават, во печатена форма до Министерството за јавна администрација и во електронска форма на следната е-пошта: obuki@mioa.gov.mk, при што, електронската форма да биде Excel документ, а не скениран или PDF документ.
Заради унифицирана форма на нацрт-Годишните планови за обука на административните службеници за 2027 година и Извештаите за реализација на плановите, молиме да се следат: Образецот за подготовка на ГПО за 2027 година и Образецот за подготовка на извештаите за реализација на годишните планови за обука, подготвени од Министерството за јавна администрација во согласност со белезите, утврдени во „Правилникот за содржината и формата на годишен план за обуки на административните службеници и извештајот за негова реализација“ („Службен весник на Република Македонија“ бр. 142/14), кои се во прилог на ова Известување.
Подвлекуваме дека сите нацрт-Годишни планови за обука на административните службеници за 2027 година, коишто се доставени или ќе бидат доставени пред или по утврдените законски рокови, нема да бидат предмет на разгледување од страна на Министерството за јавна администрација.
Министерство за јавна администрација – Академија за стручно усовршување на административните службеници