Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Изјава на Министерот за јавна администрација, Горан Минчев на маргините на 14-тиот состанок на Специјалната работна група за реформа на јавната администрација во Брисел

Изјавата на Министерот за јавна администрација, Горан Минчев на маргините на 14-тиот состанок на Специјалната работна група за реформа на јавната администрација од Брисел.

 

 

Почитувани,

 

На маргините на 14-тиот состанок на Специјалната работна група за реформа на јавната администрација, кој за првпат се одржува во Брисел, во институционалното срце на Европската унија, остварив средба со директорката за Западен Балкан во Генералниот директорат за проширување и источно соседство при Европската комисија, Валентина Суперти.

 

На средбата разговаравме за напредокот на Македонија во реформата на јавната администрација, како и за следните чекори насочени кон усогласување на националниот систем со европските стандарди. Посебен акцент беше ставен на имплементацијата на започнатите реформи, професионализацијата на администрацијата, зајакнувањето на системот базиран на заслуги и подобрувањето на квалитетот на услугите за граѓаните.

 

Реформата на јавната администрација е еден од клучните столбови во процесот на европска интеграција на државата. Во изминатиот период беа преземени значајни законски и институционални чекори, а во следната фаза нашиот приоритет е нивна доследна и ефективна имплементација, со цел изградба на модерна, професионална и департизирана администрација.

 

Веќе утре, на 14-тиот состанок на Специјалната работна група, ќе се разговара за постигнатиот напредок во спроведувањето на Стратегијата за реформа на јавната администрација, како и за дефинирање на следните приоритети во реформскиот процес. Во фокусот на дискусијата ќе бидат и неодамна усвоените системски закони, како и  Законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ) и Закон за високи раководители во органите на државната управа и фондовите, кои претставуваат важен чекор кон воспоставување поефикасен, транспарентен и професионален систем на управување во јавната администрација, во согласност со реформската агенда и европските принципи за добро владеење.

 

Очекувам дискусиите во Брисел да придонесат за дополнително зајакнување на партнерството со Европската комисија и за обезбедување континуирана поддршка на реформските процеси. Овие процеси се од суштинско значење за забрзување на напредокот на Македонија на патот кон членство во Европската унија и за градење силни, професионални институции кои обезбедуваат квалитетни услуги и конкретни резултати за граѓаните.

 

Благодарам.

 

 

 

Мени за пристапност