Скопје, 14 ноември 2025 година
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денес се обрати на првата работилница за вработените во Миниситерството во рамките на проектот „Преосмислување на управувањето – фаза 2“, поддржан од Владата на Обединетото Кралство преку Британската амбасада во Скопје и спроведуван од Центарот за управување со промени (ЦУП).
Работилницата претставува почеток на процесот за дефинирање на стратешките цели, клучните индикатори на успешност и современите стандарди за управување во јавната администрација.
Министерот Минчев, истакна дека овој процес е суштински чекор во насока на трансформација на институциите и изградба на поефикасна, професионална и граѓански ориентирана администрација.
„Јавната администрација е столбот на секоја современа држава, но овој систем не смее да остане ист во време на брзи општествени и технолошки промени“, нагласи министерот.
Работилниците што ќе се одржуваат во рамките на проектот имаат за цел да обезбедат јасно дефинирање на стратешките и годишните цели на Министерството, утврдување показатели на успешност за организациските единици, како и воспоставување мерливи критериуми за секое работно место. На тој начин се поставуваат темелите за создавање пофер, појасен и поефективен систем на работење.
„Нашата заложба е да создадеме средина во која идеите се слушаат, решенијата се споделуваат, а успехот е резултат на тимска работа“, истакна Минчев, посочувајќи дека активното учество на вработените и нивното професионално искуство се највредниот ресурс во процесот на трансформација.
Во рамките на процесот ќе се развива и методологија за определување на објективно потребниот број вработени и за креирање SMART спецификации на работните места, со што се преминува од формални описи кон резултатски ориентирани профили, во согласност со најдобрите европски практики.
„Со вашата посветеност и со експертската поддршка на нашите партнери уверен сум дека ќе создадеме реални и одржливи промени кои ќе го подобрат функционирањето на Министерството и ќе придонесат кон пошироката реформа на јавната администрација“, додаде министерот.
Министерството за јавна администрација останува посветено на развивање на современ, отчетен и ефикасен систем на јавни услуги, во кој граѓаните се во центарот на институционалните политики и практики.