Почитувани,
Во име на Министерството за јавна администрација и во мое лично име, дозволете ми да го честитам 2 Август – Илинден, Денот на Републиката.
Илинден е најсветлиот симбол на нашата државност, слободарскиот дух и непоколебливата верба во сопствената иднина. На овој голем празник со длабока почит им оддаваме признание на сите што се бореа за слободна Македонија, како и на историското Прво заседание на АСНОМ, со кое беа поставени темелите на современата македонска државност.
Илинден не е само спомен, тоа е трајна обврска да ја чуваме државата, да го негуваме единството и да работиме за општото добро. Секоја генерација има своја задача, да ги продолжи идеалите на слободата, правдата и достоинството, со одговорност, чесност и посветеност.
Силна држава се гради со силни институции и луѓе што совесно и служат. Токму затоа, Министерството за јавна администрација останува посветено на создавање професионална, ефикасна и транспарентна јавна администрација, која секојдневно ќе го оправдува доверениот јавен интерес и ќе биде вистински сервис на граѓаните.
Нека Илинден не обедини околу она што е најважно, љубовта кон татковината, почитта кон нашата историја и одговорноста кон иднината. Да продолжиме заедно да градиме држава во која ќе владеат правдата, знаењето, солидарноста и еднаквите можности за сите.
Нека е честит 2 Август – Илинден, Денот на Републиката!
Срдечно,
Горан Минчев
Министер за јавна администрација