Скопје, 12 декември 2025 година
Заменик-министерот за јавна администрација, Лазе Јаќимоски, учествуваше како панелист на конференцијата „Родовата еднаквост во фокусот на пристапувањето кон ЕУ: Патоказ за Северна Македонија“, во организација на Министерството за европски прашања и UN Women. Настанот ги обедини институциите, експертите и партнерските организации околу зајакнување на родовата еднаквост како дел од европската интеграција.
На општото прашање за најитниот чекор кон усогласување со ЕУ acquis за родова еднаквост, заменик министерот Јаќимоски истакна дека клучниот предизвик е родовата перспектива да стане суштински дел од отворениот политички процес, наместо само формално поставена обврска.
Тој посочи дека Министерството за јавна администрација веќе работи на унапредување на правната рамка за ПВР, со цел родовата еднаквост и социјалната инклузија да станат задолжителен дел од анализите. Собирањето и користењето на дезагрегирани податоци не е секогаш системски организирано, што ја ограничува аналитичката основа за да согледаме како мерките реално влијаат врз жени и мажи, лицата со попреченост, младите, постарите лица, жителите на рурални средини и други потенцијално маргинализирани групи.
Јаќимоски посочи дека, иако механизмите за еднакви можности формално постојат, нивната улога не е доволно интегрирана во секојдневната работа на администрацијата.
Заменик министерот нагласи дека успешната реформа бара континуирани знаења и практични алатки за службениците.
Исто така истакна дека во соработка со Центарот за управување со промени и со поддршка од Британската амбасада, Министерството работи на интеграција на методологија и алатка за родова еднаквост и социјална инклузија во ПВР.
Во периодот октомври 2024 – февруари 2025 беа спроведени работилници и фокус-групи со координаторите за ПВР и еднакви можности од повеќе министерства.
Овие активности поставуваат основа за систематско зајакнување на родово одговорното креирање политики во јавната администрација.