Минчев на конференција на ЕК: Јавната администрација мора да биде двигател на реформите и чувар на европските вредности

Минчев на конференција на ЕК: Јавната администрација мора да биде двигател на реформите и чувар на европските вредности
Подгорица, Црна Гора, 24 септември 2025 година
 
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, учествуваше на министерска конференција „Капацитети на јавните администрации за интеграција во ЕУ“, организирана од Европската комисија со поддршка на СИГМА.
 
На настанот учество земаа министри и претставници од земјите на Западен Балкан, Молдавија и Ерменија, како и од регионалните и меѓународните организации како ReSPA, RCC, OECD, WeBER и SIGMA.
 
Во своето излагање во рамки на првиот дел на конференцијата, министерот Минчев изјави дека силата на јавната администрација не се одразува во бројки, туку во нејзиниот квалитет и капацитет да испорачува резултати, односно таа треба да биде двигател на реформите, гарант на правната држава и партнер во процесот на интеграцијата во Европската Унија.
 
Тој потенцираше дека препораките од Извештајот на СИГМА не останаа само на хартија, туку истите беа преточени во конкретни мерки и активности, интегрирани во акциски план кој веќе се спроведува, дополнително вградени и во ревизијата на Стратегијата за реформа на јавната администрација. 
 
„Ние не гледаме на извештаите само како формалност, тие се алатка за реални промени. Реформите мора да имаат практичен ефект врз институциите и граѓаните, а не да останат декларативни.” - истакна министерот.
 
Минчев ја истакна и клучната улога на меѓународната поддршка, со посебен акцент на ReSPA и SIGMA, како партнери во процесот на реформите преку обуки, експертска помош и размена на искуства со земјите-членки на ЕУ.
 
„Визијата на Министерството за јавна администрација е да изградиме администрација која активно ќе придонесува во креирањето и имплементацијата на европските политики. Македонија не гледа на процесот на интеграција како еднонасочен пат – нашата цел е да бидеме препознаени како сериозен партнер во Унијата и пример за лидерство во регионот.“ – истакна министерот Минчев.
 
Министерството за јавна администрација останува целосно посветено на реформите кои ја носат Македонија поблиску до европското семејство, со силна заложба за создавање на модерна, ефикасна и транспарентна администрација, која ќе обезбеди институциите да бидат сервис на јавниот интерес.
 
 

Мени за пристапност