Министерот Минчев, домаќин на годишната министерска конференција на ReSPA во Скопје

Министерот Минчев, домаќин на годишната министерска конференција на ReSPA во Скопје

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, е домаќин на годишната министерска конференција на ReSPA, посветена на темата „Идна генерација на управување и иновации во јавната администрација“.

 

На конференцијата присуствуваа министри за јавна администрација од земјите членки на ReSPA, како и високи претставници на Европската комисија и други важни партнери.

 

Дополнителна вредност на конференцијата допринесе присуството и обраќањето на Претседателот на Владата на Република Македонија, Н.Е. Христијан Мицковски, кој ја потврди поддршката и заложбата на Владата насочена кон реформите во јавната администрација, како и истакнувајќи благодарност за напорите на ReSPA за унапредување на регионалната соработка и интеграција во европските структури.

 

Во своето обраќање, Министерот Минчев ја истакна значајната улога на јавната администрација како двигател на развојот и процесот на интеграција во Европската унија. Тој нагласи дека реформите во јавната администрација се клучни за постигнување ефективни, ефикасни и инклузивни јавни услуги. Во оваа насока, тој ја презентираше новата Стратегија за реформа на јавната администрација на Република Македонија, која се надоврзува на претходните стратегии и содржи иновативни алатки за следење на спроведувањето на реформските иницијативи.

 

“Овде, во Република Македонија, ние како Министерство за јавна админострација, целосно сме посветени на комплетирање на цврста законска рамка за јавните службеници, унапредување на нивното континуирано градење капацитети и забрзување на дигитализацијата во сите сектори на управување. Овие реформи тесно се усогласуваат со заложбите на ReSPA да ги интегрира администрациите на Западен Балкан во платформите и инструментите на ЕУ како DISPA, EUPAN, иницијативата Compact и инструментот TSI.” – изјави Министерот Минчев.

 

Министерот Минчев исто така ја истакна и важноста на дигитализацијата во модернизацијата на јавниот сектор, наведувајќи дека во Република Македонија се реализираат значајни проекти за е-управа, како и за унапредување на системите за управување со архиви и евиденција кои се во целосна согласност со стандардите на Европската унија и се насочени кон подобрување на транспарентноста и ефикасноста на јавната администрација.

 

Фокусот на конференцијата беше панел дискусијата на министерско ниво, при што Министерот Минчев ја нагласи потребата од создавање култура на иновации и постојано подобрување во јавниот сектор. Тој исто така ги поздрави регионалните иницијативи на ReSPA, кои обезбедуваат можности за зголемување на капацитетите на јавните службеници и поттикнување на реформи преку размена на искуства и најдобри практики помеѓу земјите на Западен Балкан.

 

“Лидерството во иновациите е повеќе од имплементација на нови технологии. Станува збор за негување на заедничка визија, зајакнување на нашата работна сила и поттикнување на соработка на сите нивоа. Како лидери, ние мора да се погрижиме иновациите да се претворат во опипливи придобивки за нашите граѓани, правејќи го управувањето поинклузивно, потранспарентно и поодговорно.” – додаде министерот Минчев.

 

Доплнително, тој во своето излагање потенцира дека за Република Македонија, реформите во јавната администрација се стратегиски приоритет, и дека земјата ќе продолжи да работи на модернизацијата на јавниот сектор преку иновации и дигитализација, со цел да обезбеди поефикасни и поинклузивни услуги за сите граѓани.

 

На конференцијата беа доделени “2024 Награди за јавна администрација на Западен Балкан”,  како и претставени успешни примери на регионални иницијативи, како и достигнувањата на ReSPA во последната година, кои ја покажуваат растечката важност на оваа организација во регионот на Западен Балкан.

Мени за пристапност