Министерот Минчев оствари работна средба со претставникот на СИГМА, Баграт Тунјан
Скопје, 09 јули 2025 година
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска оствари работна средба со Баграт Тунјан, раководител на тимот за стратешко планирање и развој на политики и државен менаџер за Република Македонија во рамки на СИГМА – заедничка иницијатива на ОЕЦД и Европската унија.
Во фокусот на разговорот беа новите реформски закони кои се во завршна фаза во Собраниската процедура, како за и подзаконските акти кои треба да ја обезбедат нивната ефективна примена. Овие акти претставуваат след на првиот реформски пакет и се клучни за системска промена во управувањето со човечки ресурси, унапредување на институционалната отчетност и модернизација на јавните услуги.
Министерот Минчев ја истакна важноста од експертската и институционална поддршка од СИГМА во овој процес, особено во делот на консултациите за содржината на законите и обезбедување усогласеност со европските стандарди. Тој го најави и вториот пакет на реформски закони кои ќе се однесуваат на стабилност и предвидливост во управувањето со јавната администрација, ќе обезбедат поголема одговорност на раководниот кадар и ќе придонесат кон правичен и одржлив систем на плати.
Претставникот на СИГМА, Тунјан ја реафирмираше поддршката на СИГМА за реформскиот процес и изрази подготвеност за вклучување во сите фази на подготовка, од анализа и оценка, до стручна поддршка во изработка на подзаконските акти и воспоставување механизми за имплементација.
Двете страни се согласија дека континуираниот дијалог, координираниот пристап и партнерството меѓу Министерството и СИГМА се суштински за воспоставување современа, транспарентна и професионална јавна администрација, усогласена со европските вредности.
Министерството за јавна администрација останува целосно посветено на реализација на реформите во интерес на граѓаните и во тесна соработка со сите релевантни национални и меѓународни чинители.