Во организација на Министерството за јавна администрација и Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), денес се одржа јавна дискусија посветена на законските реформи во јавната администрација во рамките на кампањата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“. На настанот присуствуваа претставници од локалните власти и преставници од министерството за јавна администрација, кои заеднички дискутираа за предизвиците и можностите во унапредувањето на предлог законските решенија за администрацијата во Република Северна Македонија.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во своето обраќање ги потенцираше важноста на транспарентноста, одговорноста и ефикасноста како клучни принципи во управувањето со човечките ресурси. Тој истакна дека законските реформи се од суштинско значење за модернизацијата на јавната администрација и за обезбедување подобри услуги за граѓаните.
„Овој настан е одлична можност да се разменат мислења, да се истакнат предлози и да се дефинираат конкретни чекори за подобрување на законската рамка која ја регулира работата на јавната администрација и на локално ниво, бидејќи законите ја опфаќаат и општинската администрација. Нашата цел е да изградиме поефикасна и транспарентна администрација која ќе биде во служба на граѓаните“, изјави министерот Минчев.
Тој исто така ја истакнаа потребата од тесна соработка меѓу централната и локалната власт во процесот на подготовка и спроведување на реформите, со цел да се обезбедат еднакви и квалитетни услуги за сите граѓани, а притоа имајќи во предвид дека локалната власт претставува ниво на власт кое е најблиско до граѓаните и има директно влијание врз нивните секојдневни потреби.
На настанот се обратија Министерот за локална самоуправа, Златко Перински и Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.
Настанот резултираше со препораки кои ќе бидат основа за понатамошни активности и предлози за законските измени на предлог Законот за административни службеници, предлог Законот за вработени во јавниот сектор и предлог Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници насочени кон јакнење на капацитетите на јавната администрација, со цел подобрување на услугите кон граѓаните.