Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Одговорна држава почнува со функционални институции: Минчев за реформите во јавната администрација

Одговорна држава почнува со функционални институции: Минчев за реформите во јавната администрација
Скопје, 19 јуни 2026
 
Министерот за јавна администрација Горан Минчев, во гостувањето во емисијата „Само Интервју“ на Канал 5 ТВ, говореше за тоа како реформата мора да почне од највисоките позиции, бидејќи само професионални институции можат да испорачаат квалитетни услуги за граѓаните.
 
Новото законско решение за високи раководители воведува поинаков систем за избор на директори, државни секретари и други високи позиции во најважните институции. Со законот се воведуваат јавни конкурси, повисоки критериуми, тестирање и проверка на компетенциите, со цел изборот да се базира на квалитет и професионалност.
 
Министерот посочи дека една од долгогодишните слабости во системот е и практиката на долготрајни вршители на должност, каде што луѓе со години останувале на раководни позиции без целосна процедура.
„Не може ВД директор да стане трајно решение. Вршител на должност мора да биде краткорочна состојба, а не начин за избегнување на јавен конкурс“ нагласи Минчев.
 
Посебен дел од реформата се однесува и на управните одбори, каде што се воведува рационализација и намалување на бројот на членови на три.
„Имавме институции со пет, седум, девет членови на управни одбори. Прашањето е дали навистина толкав број луѓе се потребни за ефикасно управување или системот создавал непотребни трошоци“ рече Минчев.
 
Минчев посочи дека една од клучните реформи ќе биде новиот Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ), со кој треба да се постави поефикасна и пофункционална структура на државните институции.
 
Министерството за јавна администрација продолжува со реформите чија крајна цел е јасна, професионални институции, одговорни раководители и јавна администрација која нема да биде товар, туку вистински сервис на граѓаните.
 

Мени за пристапност