Под покровителство на Министерството за јавна администрација, се одржа четвртата седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2024–2026.
На седницата беше усвоен Нацрт-извештајот за самооценка за имплементацијата на Националниот акциски план (февруари 2024 – февруари 2025), според кој од 25 заложби, 13 се во фаза на ограничена реализација, додека 12 сè уште не се започнати. Советот ги повика институциите на засилен ангажман со цел постигнување поголеми резултати и поефикасно исполнување на заложбите.
Седницата беше искористена и за подготовка за претстојната официјална посета на Секретаријатот за Партнерство за отворена власт, која ќе се реализира од 7 до 9 мај 2025 година. Во рамки на посетата, ќе се одржи тематска седница и работилница посветена на унапредување на механизмите за транспарентност, отчетност и вклучување на граѓаните во процесите на креирање политики.
Процесот на Партнерство за отворена власт останува стратешки приоритет за Владата, кој обезбедува платформа за соработка помеѓу институциите и граѓанското општество, во насока на градење поинклузивни, транспарентни и одговорни политики.
Партнерството за отворена власт е меѓународна иницијатива за унапредување на транспарентноста, граѓанското учество и борбата против корупцијата, во која Република Македонија учествува од 2011 година.