Скопје, 16 декември 2025 година
Во организација на Министерството за јавна администрација се одржа шестата седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2024–2026, на која беа разгледани, дискутирани и ставени на гласање клучни прашања од значење за работата на Советот и за унапредување на процесот на Партнерството за отворена власт.
На седницата активно учествуваа членови и заменик-членови на Советот, каде што беа презентирани преземените активности и постигнатите резултати во претходниот период. Во таа насока, Советот заклучи дека е потребна дополнителна ангажираност на работните подгрупи и на членовите на Советот со цел зголемување на динамиката на реализација на заложбите утврдени во Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2024–2026.
Во рамки на седницата беше разгледана Информацијата за временската рамка за ко-креирање на следниот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт, согласно која беше утврдено дека процесот на подготовка на новиот акциски план ќе се одвива во текот на 2026 година, додека имплементацијата на предвидените активности е планирана за периодот декември 2026 – декември 2028 година.
Членовите на Советот беа информирани и за проектот „Заедно за Партнерство за отворена власт: Поддршка на процесот на имплементација и дизајнирање на иднината“, чија цел е обезбедување одржлива и инклузивна имплементација и планирање на обврските во рамки на Партнерството за отворена власт, преку поддршка на спроведувањето на постојните мерки и зајакнување на процесот на ко-креирање на идниот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт 2026–2028. Проектот е одобрен од Секретаријатот за Партнерство за отворена власт и ќе се спроведува од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и Центарот за граѓански комуникации, во соработка со Министерството за јавна администрација.
На крајот од седницата беше заклучено дека на наредната седница на Советот ќе се утврди прецизна временска рамка со конкретни активности за процесот на ко-креирање на следниот акциски план, со што ќе се создадат предуслови за официјално отпочнување на процесот на изработка на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2026–2028.