На денешната прес-конференција по повод 100 дена Влада, Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, ја информираше јавноста за започнатиот процес со кој го означи почетокот на реформите во јавната администрација.
Во продолжение прочитајте го говорот на Министерот Минчев.
Почитувани медиуми,
Почитувани граѓани на Република Македонија
Во првите 100 дена од новата Влада, Министерството за јавна администрација на Република Македонија започна процес со кој го означи почетокот на реформите во јавната администрација.
Овој процес има за цел да ја подобри ефикасноста, транспарентноста и професионалноста на јавната администрација, и да ја зголеми довербата на граѓаните во институциите.
Дозволете ми, да Ви презентирам преглед на клучните активности и иницијативи кои Министерството за јавна администрација ги презеде во овие 100 дена.
-
Реформа на службите и законодавството:
Повлековме од собраниска процедура 3 клучни закони
- Законот за административни службеници,
- Законот за вработените во јавниот сектор и
- Законот за професионален развој и обука на административни службеници.
Овие закони се подложени на ревизии за да се модернизира управувањето со човечките ресурси, да се насочи процесот на вработување, да се унапреди системот за пресметка на платите и почитување на мерит системот.
Нашата цел е да обезбедиме јавна администрација која е професионална, ефикасна, стручна и непристрасна, и ќе овозможи поквалитетна испорака на услуги за граѓаните.
-
Зголемување на транспарентноста:
Со цел да се зголеми транспарентноста во рамки на кампањата “СИТЕ ЗАЕДНО ЗА ПРОФЕСИОНАЛНА И КВАЛИТЕТНА ЈАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА” за измена на трите закони, беа вклучени сите засегнати страни како што се Синдикалните здруженија, Невладини домашни и меѓународни организации, Граѓански здруженија, претставници од експертската и академската заедница, претставници од јавните институции, како и претставници од Заедницата на единици на локалната самоуправа (ЗЕЛС). Дебатите се организирани со цел да се обезбеди потполно транспарентен процес каде што ќе се слушнат мислењата, ставовите и предлозите на сите чинители на кои се однесуваат овие закони и истите да учествуваат при креирањето на содржината на законските измени.
За разлика од претходната Влада, новата Влада го смени пристапот за комуникација и соработка со засегнатите страни.
Во таа насока, Владата потпиша меморандум за соработка со Заедницата на единиците на локалната самоуправа(ЗЕЛС), преку што се оствари поголема соработка со локалната самоуправа и општинските администрации.
- Првата јавна дебата беше организирана заедно со Центарот за управување со промени (ЦУП), а под покровителство на Амбасадата на Велика Британија.
- Втората јавна дебата беше организирана заедно со Заедницата на единиците на локалната самоуправа(ЗЕЛС) во Скопје, на која што присуствуваа претставници од скопските и околните општини.
- Третата јавна дебата беше организирана заедно со Заедницата на единиците на локалната самоуправа(ЗЕЛС) и општина Куманово, во Куманово, на која што присуствуваа претставници од останатите општини во регионот.
Со поттикнување на отворен дијалог, ние осигуруваме дека овие закони ќе ги одразуваат иницијативите на сите засегнати страни и ќе создадат поинклузивен процес за реформи во јавната администрација.
-
Методологија за правична застапеност на етнички заедници(Балансер):
Дигиталната алатката “Балансер” начелно создадена за правична застапеност на заедниците во институциите, во минатиот период беше честопати злоупотребувана.
Таа злоупотреба на “Балансерот” е регистрирана и аргументирана. Всушност, дигиталната алатка “Балансер” ја губи својата намена за која е создадена. Оваа ситуација е нотирана и во скрининг извештајот на Европската комисија. Во Законот за вработени во јавниот сектор е децидно наведена формулата за пресметка на правичната застапеност на етничките заедници. Таа се однесува исклучиво за населението кое што живее на територија на Република Македонија, односно на резидентното население, согласно податоците добиени од последниот попис во 2021 година. Затекнатата состојба за пресметка на правичната застапеност на етничките заедници од претходната Влада не беше во законски рамки.
На иницијатива на новата Влада и Министерството за јавна администрација, таа аномалија беше одстранета, и формулата за пресметка беше сменета.
-
Формирање на Академија за административни службеници: Во процедура е законска регулатива за формирање Академија за професионален развој и обука на административни службеници. Оваа академија ќе обезбеди континуирана едукација, опремување на нашите службеници со знаења и вештини за професионално и ефективно извршување на нивните должности, притоа одржувајќи ги највисоките европски стандарди.
-
Регулирање на Националното координативно тело за управување со квалитет:
Во согласност со последните измени на Законот за организација и работа на органите на државната управа, направивме измени во формирањето на Национално координативно тело за управување со квалитет. Ова тело ќе служи како централна точка за координација и надзор на иницијативите за управување со квалитет низ сите државни институции. Неговата улога ќе биде да обезбеди конзистентна примена на стандардите за квалитет, да го унапреди споделувањето на најдобрите практики и да го следи перформансот на јавниот сектор, со цел негово постојано подобрување.
Со централизација на координацијата на управување со квалитет, ќе обезбедиме дека реформите не се фрагментирани, туку се применуваат сеопфатно низ сите нивоа на власта, што директно ќе им користи на граѓаните преку попаметни, попродуктивни и поодговорни јавни услуги.
-
CAF сертификат за ефективен управувачки систем:
По процесот на самооценување и евалуација, Министерството за јавна администрација доби САF сертификат (Заедничка рамка за проценка) согласно САF стандардите за квалитетно управување.
CAF сертификацијата е резултат на темелно самооценување, при што критички ги оценивме нашите процеси, структури и резултати, со цел да ги идентификуваме областите за унапредување.
Овој сертификат значи дека направивме потребни чекори за да постигнеме високи стандарди на управување со квалитет, а исто така поставува и стандард кон кој другите јавни институции треба да се стремат.
Важно е сите јавни институции да поминат низ ваков процес.
Тоа обезбедува транспарентност, ја подобрува одговорноста и директно влијае на квалитетот на јавните услуги што им се доставуваат на граѓаните.
Со усвојување на CAF рамката, ние како министерство, не само што ги унапредуваме нашите внатрешни системи, туку и ја поттикнуваме владината култура.
Воведувањето и постигнувањето меѓународни стандарди за управување со квалитет во државните институции, оцени, ќе обезбеди поуспешна реализација на сите тековни реформски иницијативи, особено во процесот на европска интеграција за кои е потребен добро развиен капацитет, модерен и ефикасен менаџмент и навремено постигнување на зададените цели.
Почитувани,
На крајот дозволете ми да заклучам:
За само 100 дена ги поставивме темелите за системски, значајни реформи кои ќе ја модернизираат нашата јавна администрација.
Овие достигнувања немаше да бидат возможни без посветеноста и напорната работа на вработените во Министерството.
Посветеноста на вработените заслужува признание, и нивните неуморни напори се дел од овие успеси.
Министерството за јавна администрација продолжува со иницијативата на реформските процеси, со иста енергија и посветеност, за изградба на поефикасна, транспарентна, квалитетна и професионална јавна администрација.