Заменик-министерот за јавна администрација, Лазе Јаќимоски, во рамки дводневната академија за интероперабилност во Република Македонија, под покровителство на РеСПА и Министерството за дигитална трансформација, учествуваше на панел дискусијата на тема „Решавање на предизвиците во интероперабилноста на јавната администрација – Што е потребно за подобра интероперабилност?“
Во своето излагање, тој ги истакна предизвиците и можностите за унапредување на интероперабилноста во јавниот сектор, нагласувајќи ја важноста на дигитализацијата и размената на податоци меѓу институциите.
Како ново формирано Министерство за јавна администрација (МЈА), заменик-министерот ја истакна потребата од вклучување кон платформата за интероперабилност, која претставува приоритет во насока на зголемување на дигиталниот пристап и достапност за размена на податоци меѓу институциите и приватниот сектор.
Заменик-министерот Јаќимоски истакна дека интеграцијата на Информацискиот систем за управување со човечки ресурси (ИСУЧР) со платформата за интероперабилност може да донесе значајни придобивки за ефикасноста, точноста и координацијата во јавната администрација.
Во рамки на дискусијата, тој предложи неколку конкретни чекори за реализација на оваа цел, вклучувајќи:
- Анализа и стандардизација на податоците: Подготовка на унифицирани формати за податоци како основни информации за вработените, обуки, перформанси и кадровско планирање.
- Техничка интеграција: Воведување системи за единствена најава и безбедна размена на податоци.
- Поврзување со релевантни институции: Интеграција со Централниот регистар на население и Агенцијата за вработување (АВРМ) за дигитална размена на информации поврзани со извештаи за вработени и процесот на вработување.
- Модернизација на обуките: Развој на систем за управување со учење (LMS) кој ќе овозможи дигитален пристап до обуките.
Со овие чекори, Министерството за јавна администрација ќе придонесе кон минимизирање на грешките од човечки фактор, оптимизирање на процесите и подобрување на услугите за граѓаните.
„Интероперабилноста не е само технички процес, туку предуслов за модерна, ефикасна и транспарентна јавна администрација. Со дигитализација и стратешко поврзување, можеме да создадеме систем што ќе биде во услуга на сите граѓани“, - потенцираше Јаќимоски.
Министерството за јавна администрација останува посветено на реформите кои ќе овозможат поефикасно функционирање на јавниот сектор и подобри услуги за граѓаните.