Министерот Минчев положи свежо цвеќе по повод 62-годишнината од земјотресот во Скопје

Министерот Минчев положи свежо цвеќе по повод 62-годишнината од земјотресот во Скопје
Скопје, 26 јули 2025 година
 
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, како дел од владината делегација, заедно со министерката за финансии, Гордана Димитровска Кочовска, и министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска положија свежо цвеќе на гробиштата во Бутел по повод 62-годишнината од катастрофалниот земјотрес кој го погоди Скопје на 26 јули 1963 година.
 
Земјотресот однесе илјадници животи и уништи многу домови, но беше и симбол на храброст, обединување и меѓународна поддршка во обновата на градот.
 
Поддршката што ја доби Скопје од европските метрополи по трагедијата во 1963 година ја истакна суштината на вистинските човечки вредности. Солидарноста и посветеноста на други земји потврдија дека и во најтемните времиња, сочувството и заедничкиот труд можат да донесат нови почетоци. Оваа непоколеблива помош го врати Скопје на картата на Европа, како феникс кој се издигнува од пепелта, носејќи нова надеж за иднината.
 
Владината делегација изрази почит кон жртвите и ја нагласи важноста на заедничката работа за изградба на сигурна и стабилна иднина за сите граѓани. Овој процес, кој започна со обновата по земјотресот, продолжува со нови напори за развој и просперитет на градот и на Македонија.
 
Спомените на жртвите остануваат длабоко вкоренети во срцето на Скопје и ќе продолжат да бидат инспирација за идните генерации. Животите загубени во трагедијата, како и храбрите кои ја воскреснаа надежта, ќе останат запишани во историјата како пример на упорност и посветеност за заеднички развој.
 
Вечна слава на жртвите! 

Мени за пристапност