Скопје, 25 јули 2025 година
Министерството за јавна администрација успешно ја спроведе обуката за имплементација на CAF – Заедничката рамка за проценка, потврдувајќи ја својата посветеност да биде институција која предводи преку дела, а не само преку декларации.
Обуката, во која учествуваа членовите на Работната група за CAF и експерти од Регионалната школа за јавна администрација (ReSPA), претставува конкретен чекор во насока на воспоставување на системски пристап за управување со квалитетот во институциите.
„Министерството не го очекува подобрувањето – го создава. Ова не беше само обука, туку стартна позиција за суштинска реформа која го редефинира начинот на кој институциите функционираат одвнатре“ - изјави министерот за јавна администрација, Горан Минчев.
Тој потенцираше дека имплементацијата на CAF е дел од пошироката стратегија за модернизација на јавниот сектор, каде што квалитетот, ефикасноста и отчетноста се поставуваат како недвосмислени приоритети.
„Ние не ги воведуваме стандардите затоа што тоа го бара ЕУ – туку затоа што тоа го заслужуваат нашите граѓани. CAF е алатка за институции кои сакаат да бидат подобри секој ден – преку анализа, учење и вистинска промена,“ – додаде Минчев.
Министерството за јавна администрација е првата институција во земјата што ја започнува примената на CAF како модел за континуирано подобрување, поставувајќи пример за другите институции кои ќе следат по истиот пат.
Посебна благодарност беше упатена до директорката на ReSPA, Маја Ханџиска Трендафилова, за континуираната експертска поддршка и зајакнатата регионална соработка во процесот на реформирање на јавниот сектор.
Со ова, Министерството уште еднаш покажува дека реформите не се спроведуваат само на хартија, туку преку системска работа, конкретни активности и лидерство базирано на визија и одговорност.