Скопје, 23 мај 2025 година
Министерот за јавна администрација присуствуваше на свечената академија организирана по повод Меѓународниот ден на Власите, која се одржа во Македонскиот народен театар во Скопје. Настанот беше можност за оддавање признание на значајниот придонес на влашката заедница во културниот и општествениот развој на Република Македонија.
Министерот ја истакна важноста од негувањето и унапредувањето на културната разновидност, како клучна вредност на нашето општество. Во име на Министерството за јавна администрација и во свое лично име, тој го честиташе празникот на Власите – ден што го слави нивниот јазик, историја и традиција.
„Власите имаат длабоки корени во нашето општество и претставуваат значаен дел од културната разноликост на државата. Преку нивната традиција, вредности и активен придонес во сите општествени сфери, ја градиме нашата заедничка иднина во духот на меѓусебно почитување, соживот и еднаквост,“ рече министерот.
Свечената академија собра претставници од Владата, дипломатскиот кор, јавниот и бизнис секторот, како и културни дејци, кои заеднички го одбележаа значењето на влашката заедница во нашето мултикултурно општество.
Министерството за јавна администрација останува цврсто посветено на унапредувањето на правата и видливоста на етничките заедници, поттикнувајќи активно учество и еднакви можности за сите граѓани во република Македонија.