Скопје, 22 април 2026
Во просториите на Министерството за јавна администрација, денеска се одржа петтата седница на Секретаријатот за реформа на јавната администрација, со која претседаваше заменик-министерот Лазе Јаќимоски.
На седницата беше разгледан и едногласно усвоен Годишниот извештај за 2025 година за спроведување на Акцискиот план во рамки на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023–2030. Извештајот дава сеопфатен преглед на реализираните активности, степенот на исполнување на поставените цели, како и на клучните предизвици со кои се соочуваат институциите во процесот на реформи.
Претставниците на институциите посочија дека значителен дел од предвидените активности се веќе реализирани или се во напредна фаза на спроведување, при што е евидентиран конкретен напредок кој ја потврдува позитивната динамика на реформскиот процес.
Во следниот период, Извештајот ќе биде разгледан и на седница на Советот за реформа на јавната администрација, со која претседава претседателот на Владата, по што ќе биде доставен и на официјално усвојување од страна на Владата.
Министерството за јавна администрација останува посветено на доследно спроведување на реформите, надминување на предизвиците и дополнително интензивирање на реформската агенда, во насока на изградба на модерна, ефикасна и европски ориентирана јавна администрација.