Скопје, 12 мај 2026 година
Министерството за јавна администрација организираше работен настан посветен на презентирање на новините во процесите на проценка на влијанието на регулативата (ПВР), оценувањето на спроведувањето на регулативата (ОСР) и новата електронска алатка за подготовка на Извештајот за ПВР.
Настанот се реализираше во рамки на проектот „Преосмислување на управувањето – фаза 2“, кој го спроведува Центарот за управување со промени (ЦУП), со поддршка од Владата на Обединетото Кралство преку Британската амбасада Скопје.
Во рамки на настанот беа презентирани предложените унапредувања на Методологијата за ПВР и ОСР, новиот Извештај за ПВР, како и новата електронска алатка, чија цел е дигитализација, поедноставување и стандардизација на процесот на подготовка на извештаите.
Предложените новини и решенија се темелат на анализата на примената на процесот на ПВР во изминатиот период, годишните извештаи за спроведување на ПВР, анализата на квалитетот на Извештаите за ПВР, како и наодите и препораките произлезени од спроведените фокус групи со координаторите за ПВР и претставниците на институциите. Целта на ревизијата не е воспоставување на нов систем, туку унапредување, поефикасна примена и понатамошно зајакнување на постојната рамка за подготовка и оценка на регулативата.
Министерството за јавна администрација ќе продолжи со активностите за финализирање на ревидираната правна рамка, јакнење на институционалните капацитети и унапредување на системот за подготовка на политики и регулативи засновани на докази.