Министерството за јавна администрација и Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје, како проектни партнери во рамките на проектот ВеБЕР 3.0 („Креирање на овозможувачка околина во земјите од Западен Балкан за мониторинг на реформите на јавна администрација од страна на граѓанското општество“), финансиран од Европската Унија и Австриската развојна агенција, организираа фокус група во Клуб на пратеници.
На настанот присуствуваа претставници од граѓански организации, претставници на ранливи категории граѓани, како и претставници од надлежни институции. Целта на формирањето на оваа фокус група е дискусија на темите поврзани со областа на Давање услуги, како дел од тековното спроведување на Мониторот за реформите во јавната администрација (РЈА) за 2024/2025 година.
Еден од првичните наоди од истражувањето укажа на потребата од дополнителна едукација на државните службеници, особено во делот на соработка и постапување со ранливи категории граѓани при побарување на јавни услуги. Во таа насока, учесниците на фокус групата постигнаа согласност за организирање на почетна обука за државни службеници, која е предвидено да се реализира во средината на јуни 2025 година. Дополнително, беше предложено ваквите обуки да станат составен дел од Годишната програма за генерички обуки.
Министерството за јавна администрација продолжува со своите заложби за континуирано унапредување на квалитетот и пристапноста на јавните услуги, особено за граѓаните што припаѓаат на ранливи категории, како и за зголемена соработка со граѓанското општество во процесот на реформите.