Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Советот за ПОВ го утврди Предлог-националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2026–2028 година

Советот за ПОВ го утврди Предлог-националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2026–2028 година

На 19 ноември 2026 година се одржа десеттата седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2024–2026 година. Седницата се одржа по електронски пат, со можност за електронско гласање преку Порталот за Партнерство за отворена власт.

Согласно усвоениот дневен ред, Советот го усвои Записникот од деветтата седница, одржана на 26 август 2026 година, и со 15 гласа „за“ го утврди Предлог-националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2026–2028 година. Со тоа се заокружи процесот на подготовка и ко-креирање на новиот акциски план, кој во следната фаза ќе биде доставен до Владата на Република Северна Македонија за разгледување и усвојување.

Новиот, седми Национален акциски план опфаќа вкупно 25 заложби, од кои 19 во рамките на Отворена влада, четири во рамките на Отворен парламент и две во рамките на Отворено судство. Заложбите во делот Отворена влада се организирани во четири приоритетни области: антикорупција, интегритет, одговорност и отчетност; граѓанско учество и партиципативно донесување одлуки; дигитално управување; и клима и животна средина.

Заложбите за Отворен парламент се насочени кон поголема транспарентност на работата на Собранието, дигитализација и унапредување на можностите за учество на граѓаните во законодавниот процес, додека заложбите за Отворено судство предвидуваат подобрување на електронскиот судски портал и унапредување на комуникацијата на судовите со јавноста. Со заложбите се предвидуваат конкретни активности насочени кон унапредување на транспарентноста, отчетноста, пристапот до информации, дигиталните решенија и учеството на јавноста во процесите на одлучување.

На седницата беше направен осврт на повеќемесечниот процес на ко-креирање (април – ноември 2026 година), во кој беа евидентирани вкупно 210 учества на претставници на институциите, граѓанското општество и меѓународната заедница. Процесот опфати консултации со засегнатите страни, работа на тематските работни групи, институционално усогласување и јавни дискусии.

Во дискусијата беше нагласено значењето на активното учество на институциите и граѓанските организации во подготовката на планот, како и придонесот на членовите на Советот кои го водеа процесот на ко-креирање во рамките на тематските работни групи. Воедно, беше истакната потребата и во наредниот период да продолжи заедничкото развивање амбициозни и одржливи механизми за отворено владеење, со посебен акцент на институционалната одговорност, мерливите резултати и практичното спроведување на преземените заложби.

Се очекува Владата на Република Северна Македонија да го усвои Националниот акциски план до крајот на декември 2026 година, со што ќе започне новиот циклус на спроведување на заложбите предвидени во него.

***

Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2024–2026 е советодавно тело за Партнерство за отворена власт на Република Северна Македонија, задолжено за координација и следење на развојот и спроведувањето на акциските планови, со клучна советодавна и одлучувачка улога во сите фази на процесот на Партнерство за отворена власт.

Советот за Партнерството за отворена власт е составен од 16 члена, со еднаков број претставници од институциите на државната власт и од граѓанското општество.

Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт и Работната група за спроведување на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт, формирани со решение на министерот за јавна администрација, ја претставуваат структурата за координација, следење и спроведување на процесот на Партнерство за отворена власт во Република Северна Македонија.

Партнерството за отворена власт е доброволна меѓународна иницијатива која има за цел владите да преземаат конкретни заложби кон своите граѓани за промовирање на транспарентноста, поттикнување на граѓанското учество, борба против корупцијата и искористување на новите технологии за зајакнување на доброто владеење.

Нашата земја е членка на иницијативата од 2011 година и има усвоено шест национални акциски планови (во 2012, 2014, 2016, 2018, 2021 и 2024 година). Координатор на владините активности за Партнерството за отворена власт е Министерството за јавна администрација.

Мени за пристапност