Шефот на кабинет на Министерот за јавна администрација и член на Управниот одбор на Регионалната школа за јавна администрација - ReSPA, Маја Рисова Мутлулар, учествуваше на конференција по повод отворање на Програмата за јакнење на капацитетите и мобилноста на јавните службеници во Бари, Италија, која официјално го означи почетокот на втората фаза од оваа значајна регионална иницијатива.
Програмата за јакнење на капацитетите и мобилноста на јавните службеници, која се реализира во партнерство помеѓу ReSPA и Италијанската национална школа за администрација - SNA, а е поддржана од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка, има за цел да поттикне размена на знаење, институционална соработка и административна извонредност меѓу земјите од Западен Балкан и италијанската јавна администрација.
Надоврзувајќи се на успехот на првата програма, новата фаза ќе опфати над 50 јавни службеници од регионот, вклучително и претставници од Министерството за јавна администрација на Република Македонија, кои ќе имаат можност да се вклучат во обуки, студиски посети и шеми за мобилност во Италија.
Отворената конференција, која се одржа во присуство на високи претставници од Италија, Западен Балкан и Европската комисија, претставуваше платформа за стратешки дискусии за процесите на европска интеграција, модернизација на јавниот сектор и примената на најдобрите управувачки практики. Преку низа презентации, панел дискусии и интерактивни тркалезни маси, учесниците имаа можноста да истражат нови начини за професионален развој и унапредување на административната соработка на регионално и европско ниво.
Рисова Мутлулар, истакна дека оваа иницијатива е од исклучителна важност за унапредување на капацитетите на јавната администрација во регионот и ја потврди заложбата на Министерството за активно учество и поддршка на реформските процеси насочени кон подобрување на услугите за граѓаните и приближување до европските стандарди.