Претставници од Министерството за јавна администрација на Република Македонија учествуваат на специјализирана обука на тема „Управување со човечки ресурси и оценување на перформанси во јавната администрација“, која се одржува во просториите на Регионалната администрација на Aпулија, Бари, Италија.
Оваа обука се организира од страна на Регионалното училиште за јавна администрација РеСПА а во соработка со Департманот за јавна администрација и Националната школа за администрација (SNA) на Италија, каде учесници се носители на политики на повисоко ниво од јавните служби, министерствата за јавна администрација и институциите за обука на јавната администрација од земјите на Западен Балкан.
Програмата на обуката опфаќа теми како што се новата директива за обука од италијанскиот министер за јавна администрација, алатки за управување со човечки ресурси, рамки за компетенции и нивна проценка, системи за оценување на индивидуални и организациски перформанси, иновативни политики за привлекување и задржување на млади кадри, како и користење на вештачка интелигенција во обуката на јавната администрација.
Учеството на претставниците од Министерството за јавна администрација на вакви регионални и европски иницијативи претставува континуиран напор за унапредување на административните капацитети, размена на добри практики и имплементација на современи пристапи во управувањето со човечки ресурси.