Минчев – Рокас: Зајакнување на мерит-системот и институционалната одговорност
Скопје, 23 февруари 2026 година
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Н.Е. Михалис Рокас, Амбасадор на Европската Унија, посветена на тековните реформски процеси во јавната администрација и нивното понатамошно усогласување со европските стандарди и принципи на добро управување.
Во рамки на разговорите беа разгледани повеќе системски закони од клучно значење за функционирањето на администрацијата: Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, со осврт на доставените мислења и препораки од СИГМА, Законот за административни службеници и Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и Законот за Влада.
На средбата беа разменети ставови околу потребата од јасна, предвидлива и долгорочно одржлива нормативна рамка што ќе обезбеди професионализација, стабилност и институционална одговорност.
Посебен акцент беше ставен на јакнењето на мерит-системот, транспарентноста и отчетноста во институциите, како и на значењето на експертската поддршка во процесот на креирање квалитетни законски решенија.
Министерот Минчев ја нагласи определбата за континуиран и конструктивен дијалог со Европската Унија во насока на продлабочување на реформите.
„Остануваме доследни во нашата заложба за создавање професионална и ефикасна администрација, целосно департизирана и темелена врз јасни правила, стручност и одговорност. Поддршката и експертските ставови од Европската Унија претставуваат значаен чекор кон креирање решенија што ќе обезбедат долгорочна одржливост и зголемена доверба во институциите“ нагласи министерот Минчев.